![angelov-1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/11/angelov-1.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
Амбасадорот на Република Македонија во Грција, Дарко Ангелов вчера беше одликуван со почесниот орден „Амбасадор на Маратон“, од страна на градоначалникот на Маратон Илиас Псинакис, јавува МИА.
Псинакис, кој е градоначалник на оваа општина во близина на Атина од мај 2014 година, вчера организира гала вечера на која ваков орден им додели на неколку амбасадори, меѓу кои и на Ангелов. Одликувањето се доделува на поединци кои даваат придонес за меѓународната соработка на Грција, а прв добитник е грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, кому му беше врачен во мај годинава.
Церемонијата на доделувањето на ордените е организирана во пресрет на атинскиот маратон, кој ќе се одржи во недела и почнува од историска локација токму во општината Маратон. Атинскиот маратон се одржува во чест на војникот Фидипидес, кој трчал околу 40 километри од Маратон до Атина, за ги извести атињаните за победата врз Персијците во овој град.
Амбасадорот Ангелов за МИА информира дека во соработка со општината Маратон, нашата Амбасада ќе работи со цел следната година да има и македонски учесници на атинскиот маратон, кој е еден од најмасовните и најпрестижни во светски рамки.