Денеска се одбележуваат 22 години од потпишувањето на Охридскиот мировен рамковен договор, а по тој повод се огласи и лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, кој вели дека македонските бранители победиле во сите битки во конфликтот со финален пораз на политичарите.
„Со комуникето број 4 од 23 јануари 2001 година, издадено ден по вооружениот напад врз ПС Теарце во кој еден полицаец загина а тројца беа ранети, УЧК побара од „славомакедонците“ да ги напуштат вековните албански огништа. Наместо повлекување, ние, припадниците на македонските безбедносни сили со наредба на тогашниот државен врв, тргнавме во напад. Војувавме насекаде каде што имавме наредба да војуваме, победивме секаде каде што имавме наредба да војуваме, ја одбранивме нашата татковина Македонија не дозволувајќи да биде отцепена ниту педа македонска земја. Откако раководството на УЧК увиде дека не можат да се спротивстават на надмоќните македонски безбедносни сили, ја сменија стратегијата, а со тоа и реториката, и наместо борба за територија преку ослободување на „вековните албански огништа“, почнаа да зборуваат за борба за „човекови права“. На тој начин, преку ноќ, од убијци и разбојници, како што ги нарекуваше тогашниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, станаа борци за човекови права.