Ангеловски: Овој амандман е за да се видиме в лице и да видиме кој е навистина за луѓето да си ги земат своите плати, а кој е за чиста политика

Јас сум еден од тие кој инсистираше на овој амандман и јас со чист образ, со лице стојам пред сите овде дека не се изигрувам со никого. Ќе ви кажам една дефиниција дека вие пред два часа овде водевте политичка војна, секој со свој став и секој со обид токму неговото кажано да биде вистина и го доведовте Градот, не доведовте сите овде да се срамиме од сопственото присуство во оваа сала“, истакна советникот Страшо Ангеловски од коалицијата за „Обнова на Македонија“ во Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница.

Ангеловски додаде дека во една таква војна па макар и политичка секогаш нештата завршуваат со компромис или со договор.

„Бидејќи очигледна беше конфронтацијата на една, две, три или пет струи во оваа сала, идејата на овој амандман беше како да им се излезе во пресрет на вработените во ЈСП. Она за што нели кубевте коси сите дека луѓето не можат да земат плата за декември месец. Идејата е и како да им обезбедиме уште два или три месеци мирна работа знаејќи дека ќе имаат плата и за тие наредни месеци“, нагласи Ангеловски.

„Мене лично зборувам за себе ме доведовте во една дилема според која јас знам дека некаде во октомври месец гласав, јас лично кренав рака и гласав за субвенции од 110 милиони со кои ќе се реши проблемот во ЈСП за месеците ноември и декември“, нагласи тој.

Советникот посочи дека денес од него се бара повторно да гласа за она што еднаш веќе се изјаснил и бил ЗА.

„Оттука бидејќи таа дилема не само што никој не ми ја разјасни туку заплеткувајќи се во обидите секој да биде на страна на својата вистина и на своето право, таа дилема уште кај мене лично зборувам уште ја зголемивте“, појасни Ангеловски.

Тој укажа – „Овој амандман е за да се видиме в лице и да видиме кој е навистина за луѓето да си ги земат своите плати и нивните дечиња да не останат дома без млеко и леб, а кој е за чиста политика односно да го истера своето по секоја цена дека мора да биде така“.