Ангеловски: Со Кампањата за безбедност во сообраќајот до 30 отсто помалку жртви

Резултатите од кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“ покажуваат дека има подобрување на однесувањето на возачите и совозачите во однос на примената на сигурносните појаси – процентот на користење на појаси на возачите за само 20 дена од 37 се зголемил на 53 отсто, кај совозачите од 32 на 48 посто, а кај моторциклистите процентот на употреба на кацига се зголемил од 63 на 71 отсто.

Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата д-р Никола Ангеловски во интервјуто за Курир истакна дека Кампањата за безбедност во сообраќајот има одличен одзив кај граѓаните и дава видливи резултати. Тој посочи и дека како последица на сите активности на советот и кампањата на Владата се очекува дека оваа година бројот на жртви во сообраќајот во однос на 2013 година ќе се намали за 30 отсто.