Македонската А репрезентација го одработе и последниот тренинг спроти утрешниот натпревар против Гибралтар со кој ја отвораме УЕФА Лига на Нации. На официјалната прес конференција, селекторот на Македонија, Игор Ангеловски и нашиот капитен, Горан Пандев рекоа дека Македонија е подготвена со победа да започне во новото УЕФА натпреварување.
Ги реализиравме подготовките за натпреварот против Гибралтар. Се навикнавме на временските услови и на условите за игра, пред се на теренот. Верувам во моите фудбалери и убеден сум дека ќе оствариме позитивни резултати. Нема да експериментираме со тимот, ќе настапат најдобрите. Верувам дека сите ќе имаат вистински пристап и со победа ќе започнеме во ова натпреварување, изјави Ангеловски.
И Пандев смета дека во натпреварот треба да се влезе сериозно.
Да, моето искуство е големо, но утре играме со репрезентација која не е многу позната. Во минатото можеби сме имале проблеми со ваков тип на селекции и затоа треба да влеземе многу сериозно. Играме на мал стадион со вештачка трева, но оваа генерација на македонски фудбалери е една од најдобрите во историјата. Фаворити сме и подготвувани за победа, изјави Пандев.