Ангеловски: Утре ќе видите еден Работнички кој игра на највисоко ниво

Работнички има намера со агресивна игра да ја анулира негативата од Флора Талин од 1:0 по првиот натпревар во квалификациите од Лигата на Европа.

„Романтичарите” традиционално се најдобар македонски претставник во Европа, а ќе се обидат и оваа сезона да се задржат што подолго во натпреварувањето, но прво мора да се елиминира, односно да се победи естонскиот тим.

„Да се оддолжиме на вас медиумите и навивачите за подршката која ни ја дававте со дорба игра и добар резултат, за на крајот да се радуваме и да обезбедиме пласман во следното коло. Нормално после еден резултат односно пораз од 1:0 не чувствуваме страв и паника, веруваме во себе, а тоа ни дава посебна мотивација и надеж. Односот на фудбалерите е одличен и утре ќе видите еден Работнички кој игра на највисоко ниво. Да покажеме дека Работнички е тим што може да анулира било која негатива. Ќе направиме сѐ што можеме да ја анулираме негативата”, изјави Игор Ангеловски.

Тој најави дека нема да има промени во формацијата на реваншот, но можеби ќе има измени во составот во однос на оние фудбалери кои играа во Талин на првиот меч.

„Нема да менуваме формациски, остануваме на 4-4-2. Единствено можеби ќе играме со поофанзивни фудбалери. Имам двоумење околу неколку фудбалери и позиции, но во принцип првиот состав е јасен”, истакнува тренерот на „романтичарите”.

Според него потребна е агресивна игра со која може да се анулира предноста на Флора.

„Треба да го примениме тоа што го игравме изминативе две сезони. Со силен пресинг, со агресивна игра и комбинаторика кога сме во посед на топката. Да не брзаме со нелогични решенија и да играме чекор по чеокр за да градиме ситуација за гол. Повисок пресинг и поаграсивен пристап кога противникот е во напад”, заврши Ангеловски.

Дуелот се игра утре на арената „Филип Втори“ со почеток во 20 часот.

Извор: Спортмедиа