Англиските прволигашки клубови во јануарскиот преоден рок потрошиле рекордни 491,5 милиони евра, што е речиси двојно повеќе од досегашнот рекорд од 2011 година кој изнесуваше 234 милиони евра и десет пати повеќе отколку што потрошиле клубовите во италијанската Серија А, објави во четвртокот ревизорската куќа Deloitte.
Англиските фудбалски клубови само последниот ден од преодниот рок, во средата, издвоиле рекордни 171 милион евра, од што најмногу Арсенал на доаѓањето на Пјер-Емерик Обамејанг од дортмунтска Борусија за 63 милиони евра.
Најмногу во Англија трошеле клубовите од ткн „голема шестка“, односно Манчестер Јунајтед, Ливепрул, Арсенал, Тотенхем, Челзи и Манчестер Сити, вкупно 303 милиони евра, што е 62 отсто од вкупно потрошената сума.
Рекордни трансфери остварија и Ливепрул, кој плати 85 милиони евра на Саутемптон за Вирџил ван Дијк, како и Манчестер Сити кој плати 65 милиони евра за доаѓањето на Аумерик Лапорте од Атлетик Билбао.
За разлика од англиските клубови, некогаш богатите италијански клубови не успеаја оваа зима да реализираат ниеден позвучен трансфер и потрошиле само 50 милиони евра на засилувања.
Во Шпанија клубовите од Примера потрошија 271 милион евра на носењето нови играчи, од што повеќе од половината отпаѓа на Барселона, којашто за вкупна сума од 160 милиони евра го доведе Бразилецот Кутињо од Ливерпул.