Англиските одгледувачи нудат „дружење“ со крави за борба против стресот

Од неодамна многу посетители не доаѓаат од далеку на фармата „Дамбл“ на северот на Англија затоа што таму сакаат да купат сирење и млеко, туку да ја погалат или да ја исчеткаат Мораг, кравата или некоја од нејзините „пријателки“ од стадото.

Фиона Вилсон и нејзините партнери од фармата почнаа да нудат нови содржини на посетителите во февруари кога стана јасно дека нивните економски проблеми нема да исчезнат наскоро.

„Некои луѓе сакаат контакт со кучиња, други со мачки или коњи, а има и такви кои сакаат да се ‘дружат’ со крави“, изјави Фиона Вилсон за AFP, објаснувајќи дека луѓето всушност „доаѓаат заради сопствената благосостојба. Тоа е научно докажано дека близината на овие големи домашни животни ја ублажува анксиозноста кај многумина и делува речиси како терапија“.

Сопствениците на фармата „Дамбл“ (Dumble), во близина на Беверли во Источен Јоркшир, како и многу други фармери, се тешко погодени од остриот пад на цените на млекото и од неодамна високата инфлација. Десетици илјади одгледувачи го напуштија овој сектор во последните неколку децении.

Според официјалните податоци на библиотеката на Долниот дом на британскиот парламент, во Обединетото Кралство во 1950 година имало 196.000 фарми каде се произведувало млеко, но до 1995 година само 35.700 од нив останале активни.

Падот на цените на млекото и зголемувањето на трошоците за енергија, гориво, добиточна храна и вештачко ѓубриво, по избувнувањето на војната во Украина во февруари 2022 година, ја запечатија судбината на многу фармери. Бројките на Одборот за развој на земјоделството и градинарството, британската асоцијација на фармери, велат дека до октомври 2023 година во Британија ќе останат само 7.500 млекарници.

Освен тоа, сопствениците на фармата „Дамбл“ во последните седум години шест пати се соочиле со поплави, поради што со месеци била под вода. Сфаќајќи дека нивните трошоци се поголеми од нивните приходи, Фиона и нејзините партнери одлучиле во јануари 2022 година да го продадат своето стадо и да започнат друг бизнис.

Тие чувале пет крави, кои не можеле да ги остават. „Ги сметавме, а и денес ги сметаме за наши пријатели. Тие се толку пријателски расположени и шират еден вид мир околу себе“, објаснува Фиона Вилсон. „Токму поради овој мир помисливме дека можеме да им понудиме и на посетителите престој со кравите, што ќе ни овозможи да заработиме малку повеќе пари, а исто така ќе ги заинтересираме луѓето за тоа што всушност правиме овде“.

Денес и кравите и посетителите изгледаат многу среќни. Фиона и партнерите разговараат со посетителите за одржливото земјоделство. Забележуваат дека им е интересно. Галењето и четкањето на кравите привлекува двојки, семејства и љубители на овие питоми животни од целата земја. Посетата на кравите на фамата „Дамбл“ се резервира неколку месеци однапред по 50 фунти (58,30 евра) по лице. Мораг и нејзините пријателки уживаат да бидат чешкани или четкани од посетителите.