Анкара го повика амбасадорот на САД поради изјавата на Бајден

Турското министерство за надворешни работи дицна ноќта во саботата соопшти дека ги повикало американскиот амбасадор во Анкара, поради изјавата на претседателот на САД, Џо Бајден, дека масакот над Ерменците во Отоманското царство во 1915 година бил геноцид, и му ја пренело „силната реакција“ на Турција.

Претходно во саботата Бајден во изјавата за јавноста официјално ги призна за геноцид масовните убиства на етничките Ерменци во Првата светска војна во Османлиската империја, за што Турција вели дека се последици на војните на почетокот од XX век. Како одговор, шефот на турската дипломатија изјави дека Анакра „целосно ја отфрла оваа изјава, заснована исклучиво на популизам“.

„По изјавата на американскиот претседател Џо Бајден за настаните од 1915 година, американскиот амбасадор Дејвид Сатерфилд беше повикан во министерството за надворешни работи и беше примен од замникот министер Седат Онал. На амбасадорот му беше изразена нашата жестока реакција, и му беше предочено дека таа изјава ја сметаме за неприфатлива, без никакви историски или правни основи, поради што ние целосно ја отфрламе и најостро ја осудуваме“, изјавил неименуван соговорник од турската дипломатија.

Според итиот извор, на американскиот амбасадор му било кажано дека изјавата на претседателот Бајден „нема дејство од аспект на меѓународното право, длабоко го навредува турскиот народ и предизвикува рана на билатералните односи кои тешко ќе се поправат“.

Очекувано оваа историска декларација ја разгневи Турција и веројатно дополнително ќе им наштети на нестабилните односи на двете значајни членки на НАТО пактот. Поради загриженоста за односите со Турција и интензивното лобирање на Анкара, американскиот Конгрес и американки претседатели со децении се воздржуваа службено погромот врз Ерменците да го признаат како геноцид и внимателно бираа изрази како да го означат колежот за да не ја навредат турската страна.