Анкета: 63 отсто од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока

Институт за демократија, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка денеска во Собранието, за пратениците и претставниците на собраниските службите, организираше презентација на резултатите од теренската анкета за работата на Собранието на Република Северна Македонија реализирана во периодот од 19 февруари до 10 март 2022 година.

Извештајот ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, надзорната улога на Собранието, кого претставуваат пратениците, функциите на Собранието, информираноста за работата на законодавниот дом, како и други реформски процеси клучни за унапредување на работата на Собранието.

Настанот го отворија Роберт Скот Хејзлет, тим лидер на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) и Марко Трошановски, Претседател на Институт за демократија (ИДСЦС).

Хејзлет потенцираше дека истражувањето покажува дека 63% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока, само 28% сметаат дека земјата оди во вистинска насока.

– Но граѓаните исто така сметаат дека Собранието игра значајна улога во политичкиот живот. Така се изјасниле 71% од граѓаните. Високи 59% од граѓаните веруваат дека секоја одлука во преговорите помеѓу Македонија и Бугарија треба да се договори во Собрание, додаде Хејзлет.