Убедливо водство на владејачката ВМРО – ДПМНЕ пред опозициската СДСМ покажуваат и резултатите од анкетата на институтот Димитрија Чуповски. Според резултатите од анкетата ВМРО – ДПМНЕ има цели 25, 7 отсто предност пред СДСМ. На прашањето за која партија би гласале на изборите на 5-ти јуни, дури 39, 2 отсто од граѓаните рекле дека би гласале за ВМРО – ДПМНЕ, а 14, 9 отсто дека би гласале за СДСМ.
Исто така, се поголем број од македонските граѓани многу повеќе му веруваат на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски, отколку на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Како што може да се види и во приложената табела, дури 39, 5 отсто од анкетираните го избрале Груевски, а само 7, 3 отсто рекле дека најмногу му веруваат на Заев. Впечатливо е и тоа што дури 60, 1 отсто од граѓаните сметаат дека специјалната обвинителка Катица Јанева работи по налог на одредени домашни или странски фактори со цел да и наштети на ВМРО – ДПМНЕ, а само 20, 4 отсто сметаат дека таа работи независно и професионално.
Помеѓу 30 Март и 2 Април 2016 година Институтот Димитрија Чуповски спроведе истражување на јавното мислење по пат на телефонска анкета на 1275 испитаници со цел да ги дознае ставовите на граѓаните за повеќе актуелни прашања во политичкиот живот во Република Македонија.
Истражувањето, како што информираат од Институтот, беше спроведено на ниво на Република Македонија, во сите шест изборни единици, со вклучување на повеќе демографски карактеристики на населението како пол и возраст, како и рурални и урбани места на живеење. Бидејќи целта на анкетата беше да се дознаат перцепциите на граѓаните за двете најголеми партии во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во анкетата не беа вклучени испитаници Албанци, со оглед дека тие генерално гласаат за етничките албански партии. Другите помали етникуми беа дел од анкетата.
Оттаму напоменуваат дека сите резултати од анкетата подлежат на статистичка грешка од +/- 2,4%.