Американската потпретседателка и демократска претседателска кандидатка Камала Харис има предност од маргина на статистичка грешка пред републиканскиот ривал Доналд Трамп во сојузните држави Мичиген и Висконсин, а двајцата кандидати се израмнети во Пенсилванија, според новата анкета на CNN објавена во средата.
Помалку од една седмица пред изборите на 5-ти ноември, Харис води пред Трамп со 48 наспроти 43 отсто меѓу веројатните гласачи во Мичиген и 51 анспроти 45 отсто во Висконсин, две од трите сојузни држави кои го добија прекарот „синиот ѕид“ откако му помогнаа на актуелниот демократски претседател Џо Бајден да го победи Трамп на изборите во 2020 година.
Во третата држава од „синиот ѕид“, Пенсилванија, анкетата на CNN покажува дека Харис и Трамп се израмнети со 48 проценти. Деветнаесетте електорски гласови на Пенсилванија ја прават една од најпосакуваните победи во трката за Белата куќа.
Анкетите биле спроведени во периодот од 23-ти до 28-ми октомври преку интернет и телефонски со 726 веројатни гласачи во Мичиген, 819 во Пенсилванија и 736 во Висконсин, објави CNN. Маргината на грешката е плус или минус 5 процентни поени, се истакнува.