Новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија покажува зголемување на кинеското и руското влијание, недостаток на транспарентност во политичките партии и поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“.
Во однос на надворешната политика, 64 отсто од граѓаните на Северна Македонија се согласуваат дека силните односи со Кина им служат на нивните интереси. Шеесет проценти истото го мислат за Русија. Ова е зголемување од единаесет проценти за Кина и шест проценти за Русија во однос на анкетата спроведена во февруари 2020 година. Новообјавената анкета покажува и силна поддршка за Европската унија (ЕУ) и САД. Севкупно, 85% се согласуваат дека силните односи со ЕУ најдобро им служат на интересите на Северна Македонија, 76% го делат истото мислење за САД.
„Додека Северна Македонија се труди да постигне демократски напредок, загрижува фактот што Кина и Русија продолжуваат со постојаните упади“, рече Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа. „За среќа, поддршката за блиски партнерства со ЕУ и Соединетите Американски Држави останува многу силна“.
На прашањето за политичките партии, само 21 отсто од граѓаните на Северна Македонија веруваат дека тие се транспарентни во работењето со парите добиени од државниот буџет. Понатаму, 48% не биле запознаени со износот на државниот буџет кој што годишно се издвојува за финансирање на политичките партии.
„За една демократија да биде успешна, апсолутно суштинско е политичките партии да изградат доверба“, рече Мекарти. „Оваа анкета покажува дека транспарентноста во политичките партии во иднина треба да биде приоритет“.
Конечно, 75% од возрасните ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, серија договори во кои се вклучени Албанија, Северна Македонија и Србија за да помогнат во олеснувањето на трговијата, бизнисот и движењето на граѓаните меѓу земјите.
ИРИ наведува дека анкетата беше спроведена во период на претходниот владин состав и пред инвазијата на Руската Федерација врз Украина.