Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и неговата демократска противкандидатка, актуелната потпретседателка Камала Харис, се изедначени во последните седмици пред изборите, според националната анкета спроведена од весникот The New York Times и колеџот Сиена.
Трамп има предност од еден процент – 48 наспроти 47 проценти – пред Харис, покажа анкетата објавена во неделата, тесна разлика што може да значи победа за двајцата кандидати на изборите на 5 ноември.
Истражувањето е спроведено од 3-ти до 6-ти септември на примерок од 1.695 Американци и има маргина на грешка од 2,8 процентни поени.
Харис има предност пред Трамп во три од седумте таканаречени колебливи сојузни држави кои најверојатно ќе одлучуваат за претседателската трка во ноември. Харис води во Висконсин (49 наспротии 47 отсто), Мичиген (48 – 46) и Пенсилванија (49 – 48). Двајцата кандидати добиле исто ниво на поддршка во Аризона, Џорџија, Невада и Северна Каролина.
Иако кампањата на Трамп помина низ релативно тежок период откако демократскиот претседател Џо Бајден под притисокот од сопартијците се откажа од трката во јули, најновите анкети покажуваат дека тој сè уште има поддршка од редовните поддржувачи.
Анкетата покажа дека гласачите чувствуваат дека треба да знаат повеќе за Харис, додека нивните мислења за Трамп се веќе формирани.
Во истражувањето, 28 отсто од потенцијалните гласачи рекле дека им се потребни повеќе информации за кандидатот на демократите, додека само 9 отсто го кажале истото за Трамп. Анкетата покажува и дека претседателската дебата што ќе се одржи во вторник би можела да претставува клучен момент.
Харис ќе има шанса да даде повеќе детали за нејзините политички планови додека 90 минути ќе се соочи пред камерите со Трамп. Анкетата покажува дека трката е толку тесна што дури и маргиналниот поттик за кој и да е од кандидатите може да значи многу.
Откако го замени Бајден за номинацијата на Демократите во текот на летото, Харис започна жестока кампања, но ги ограничи своите јавни настапи и избегна да дава интервјуа за медиумите, освен неодамнешното во кое за телевизија CNN се појави заедно со својот потпретседателски кандидат. Притоа, анкетите во мејнстрим медиумите кои се вообичаено наклонети на демократите, таа имаше предност дури и од 4 процентни поени.
Клучните бројки од последното истражување се слични на последната споредлива анкета на The News York Times и колеџот Сиена, објавена кон крајот на јули. И според таа анкета Трамп бeше во плус за еден процент. Анкетите во седум клучни држави, кои веројатно ќе го одредат победникот на изборите, исто така постојано покажуваат многу тесни маргини.