Анкета покажа дека довербата на Германците во својата држава никогаш не била помала

Довербата на Германците во државата никогаш не била помала, покажува истражувањето спроведено од Здружението на германските државни службеници (ДББ).

– Само 27 отсто од граѓаните се уште веруваат дека државата е способна да ги извршува своите должности. Германците сметаат дека нивната земја е преоптоварена првенствено со политиката за азил и бегалци, образовната политика и политиката за климата и животната средина, покажа истражувањето.

Сите државни служби и институции добија полоши оценки за успешност во 2023 година отколку во претходната година.

– Довербата на граѓаните во способноста на нивната држава да дејствува падна на ниско ниво. Ова е алармантно, изјави сојузниот претседател на ДББ Улрих Силбербах.

Според испитаниците, во 2023 година најважните задачи на државата се одржување на социјалната правда, подобрување на инфраструктурата и заштита на климата.
На западот од земјата, заштитата на климата, миграциските прашања и поддршката за Украина се сметаат за најважни задачи на државата, додека за жителите во источниот дел најаважно е ослободувањето на населението од последиците на инфлацијата, социјалната грижа и изедначување на условите за живот меѓу урбаните и руралните области.

– Особено загрижувачка во овој поглед е поделеноста на општеството која станува се поочигледна. Поделбите меѓу Исток и Запад, сиромашни и богати, според образовните достигнувања, стануваат се подлабоки, а нивото на социјален стрес расте, вели Силбербах.