Дали природниот гас е енергетски спасител или скриен извор на ризици?
Центарот за истражување и информирање за животната средина, Еко-свест Скопје, во соработка со истражувачката агенција Индаго спроведе анкета која ги открива ставовите на граѓаните во Македонија за гасот како извор на енергија.
Поголем дел од испитаниците иако не знаат дека гасот е фосилно гориво кое придонесува значително за глобалното затоплување и климатските промени го сметаат за поевтино и почисто споредено со нафтата, јагленот и огревното дрво. Кај една третина постои сомнеж и страв во поглед на безбедноста на користењето, но
сепак доминантен дел би се приклучиле веднаш доколку имаат пристап до гасоводна мрежа. А, пристап до овој енергенс имаат само 12% од анкетираните. Најголема примена на гасот граѓаните гледаат во готвењето и загревањето во домовите.
Природниот гас како енергетска опција
Многумина го сметаат природниот гас за евтино гориво. Но,
енергетската криза покажа дека цената на гасот може драстично да варира и сега со сигурност знаеме дека никогаш нема да биде ефтин како во минатото. Според истражувањето, 74% од испитаниците гасот го гледаат како најповолно гориво во
споредба со други слични опции, како нафтата и јагленот. Најмалку 67% од граѓаните се согласуваат дека тој е најеколошко фосилно гориво, кое помага во намалувањето на штетните емисии. Од аспект на користењето, 67% го сметаат за подобар избор отколку огревното дрво, што значи помалку чад и ситни честички во воздухот. Точно е дека гасот при согорување не емитува честички прашина и чад, но исто како и нафтата и јагленот е одговорен за емисиите на јаглерод диоксид- причинителот на климатските промени.
Оттука можеби посоодветен назив за природниот гас е – Фосилен гас.
Дали граѓаните се свесни за ризиците и безбедноста на природниот гас?
На прашањето дали природниот гас е безбеден за животната средина и луѓето, 64% од испитаниците одговорија позитивно, но скоро една третина од испитаниците не е уверена во тоа.
Ова може да се толкува како потреба за подобра едукација и свест меѓу граѓаните. Можеби, некои се неинформирани за потенцијалните ризици и безбедносни мерки при користењето на природниот гас. А, можеби е потребно подобро да се
запознаат со ефектите од изградбата на гасоводите врз животната средина. Други можеби имаат прашања за евентуалните ризици, како можни експлозии во домаќинствата и индустријата или други хаварии при изградбата на гасоводите.
Особено важно е да се нагласи дека безбедноста на гасот за корисниците зависи од правилната инсталација, употреба, но и редовно одржување на инсталираната опрема, што изискува значителни финансиски средства, но и технички капацитети на операторите.
Колкав е пристапот на граѓаните до гасоводна мрежа?
Анкетата открива и голема разлика во пристапот до гасоводната мрежа, што има важни импликации за користењето на природниот гас како извор на енергија.
Скромни 12% од испитаниците се изјасниле дека имаат пристап до гасот како енергенс во нивната општина или околина, додека 81% ја немаат оваа можност. Мора да се земе предвид и дека граѓаните честопати природниот, односно фосилниот гас го поистоветуваат со гасот во таканаречените „плински боци“ или гас кој се користи во возилата. Поради недостиг од традиција во користењето на фосилниот гас во Македонија, граѓаните немаат доволно познавање да ги разликуваат овие значително
различни фосилни продукти. Необично, иако 75% од испитаниците кои немаат пристап до природниот гас изразиле желба дека веднаш би се приклучиле, но, само 3% во моментов користат фосилен гас. Ова може да се толкува на неколку начини. Една од можностите е дека фосилниот гас едноставно не е достапен за домаќинствата во најголем број од нашите
општини. Втората можност е дека немаат доволна финансиска моќ за приклучување бидејќи инсталирањето на гасоводната инфраструктура како и замена на главните уреди (греалки, бојлер, шпорет) се скапа инвестиција. Трета можност е постоењето на определен страв или недоверба во однос на безбедноста и употребата на природниот гас.
Ако не гас, кои се алтернативните извори на енергија?
Според испитаниците, фосилниот гас би наоѓал разни примени во
секојдневниот живот. Голем дел од граѓаните би го користеле во кујната за приготвување на оброк, загревање на вода, како и затоплување на домаќинствата. Во моментот, фосилниот гас во нашата држава се користи главно во индустријата и како енергенс за производство на електрична и топлинска енергија. Поради малиот број на жители, фосилниот гас е најисплатлив за поголемите индустриски капацитети, но не и
за поголем број од домаќинствата.
Истражувањето дава податоци и за ставовите околу потенцијалните алтернативни извори на енергија, вклучувајќи ги соларната и ветерната енергија, хидроенергијата, биомасата и иновативните методи кои испитаниците ги сметаат за релевантни. Според анкетата, голем број на испитаници (91%) изразиле поддршка за соларната енергија, сметајќи ја за еден од најсоодветните алтернативни извори на енергија за целата држава. Ветерната енергија следува со 76% што покажува
значителна поддршка на овие два обновливи извори. Ова е индикатор дека како држава сме подготвени за зелената транзиција кон обновливи извори со кои располагаме, без притоа да создаваме зависност од други држави и од увозот на енергенси.
Анкетата ја спроведоа Центарот за истражување и информирање за животната средина, Еко-свест Скопје, во соработка со истражувачката агенција Индаго, со цел да се истражат ставовите на граѓаните во Македонија за фосилниот гас како извор на енергија.