Големо мнозинство Украинци сè уште го сметаат Володимир Зеленски за свој легитимен претседател, и покрај тоа што го продолжи неговиот мандат без одржување избори откако Русија ја нападна Украина во 2022 година.
Според анкетата објавена во понеделникот од Меѓународниот институт за социологија во Киев, 70 отсто од 2.011 испитаници веруваат дека Зеленски треба да остане на власт додека не заврши војната. Против биле 22 отсто.
Резултатите од анкетата имаат цел да се спротистави на Русија која вели дека во моментов нема со кого евентуално да преговара во Киев за примирје, посочувајќи дека мандатот на Зеленски на власт заврши и дека тој повеќе не е легитимен лидер на земјата со мандат за преговори.
Мандатот на Зеленски требаше официјално да заврши на 20 мај 2024 година. Сепак, речиси една петтина од украинската територија е под руска контрола, што го оневозможува одржувањето на изборите. Но речиси на толкав процент од украинската територија не беа спроведени и минатите претседателски избори, по отцепувањето на проруските региони Крим, Доњецк и Луганск, на кои сега се додадоа и делови од регионот Херсон и Запорожје заземени од руските трупи. Вонредната состојба воведена по почетокот на руската инвазија, всушност, го спречува одржувањето на нови избори.
Според истражувањето, 56 отсто од Украинците се задоволни од претседателскиот мандат на Зеленски, додека 37 отсто се незадоволни. Во една анкета од септември минатата година, Зеленски имаше 77 отсто поддршка.
Вкупно 58 отсто од испитаниците биле за да нема компромиси во преговорите со Русија, додека 30 отсто гласале за компромиси.
Во исто време, 65 отсто од испитаниците веруваат дека целите на какви и да се преговори со Русија треба да се решаваат на референдум.