Фондацијата „Конрад Аденауер“ во соработка со Институтот за Политички истражувања-Скопје и Молитвеникот за информации Религија.мк ја реализираа националната телефонска анкета на тема „Религија-Политика-Општество: Влијанието на Религијата во Политиката и Општеството”.
Оваа анкета беше спроведена на национално ниво во текот на месец јануари 2018 г. при што опфати 1107 испитаници со намера да ја испита перцепцијата на граѓаните за тоа дали постои и колкав е степенот на влијание кое религијата и религиозните заедници го имаат во политиката и како тоа влијае врз македонското општество.
На прашањето дали во Македонија во моментов има доволно верски објекти, високи 75,9% одговориле потврдно а исто така високи 44,6% од испитаниците сметаат дека храмовите се повеќе во функција на обележување на територии на влијание.
Прашањата од првиот дел на анкетата го испитуваа односот на верските институции и политиката односно државата со цел да се детектираат критичните точки на влијанија. На прашањето дали има и колкаво е влијанието на МПЦ-ОА врз политиката 33% од испитаниците одговориле дека МПЦ-ОА има големо влијани. Додека на прашањето дали има и колкаво е влијанието на ИВЗ врз политиката висок процент од 46,2% одговориле дека ИВЗ има големо влијание.
Според повеќето анкетирани граѓани, двете најголеми верски заедници имаат влијание врз политиката. Влијанието на ИВЗ врз одредени аспекти на политиката е поголемо од тоа на МПЦ. Сепак не може да се заклучи дека ИВЗ е повлијателна од МПЦ во политичките процеси на Македонија на генерално ниво, туку дека влијанието на ИВЗ врз политичкиот сегмент во кој се вклучени муслиманите е поизразено отколку на МПЦ во политичкиот сегмент во кој се вклучени христијаните.
Вториот сегмент од анкетата ја анализира улогата на верските заедници во општеството. На прашањето дали покрај државата и верските заедници би требало да отвораат домови за деца без родители или болници за социјално загрозени, дури 81,2% одговориле потврдно а само 10,8% не се согласуваат. Овие резултати покажуваат дека граѓаните ги поддржуваат социјалните и хуманитарните активности на верските заедници во општеството.
Во третиот сегмент од анкетата фокусот беше ставен на прашања кои се уште се отворени за Македонија, а за кои на еден или на друг начин се мисли дека се поврзани со испреплетено влијание на политиката и религијата.
На прашањето дали МПЦ-ОА треба да отстапи од барањето за автокефален статус, огромен дел од испитаниците или 89,1% одговориле дека МПЦ не треба да отстапи од барањата за целосна еднаквост со другите цркви. Додека пак на прашањето која би требало да биде првата црква која ќе го признае автокефалниот статус на МПЦ-ОА, 42,1% одговориле дека тоа треба да биде Српската наспроти 18,6% Бугарската. Нa следниот сет поставени прашања за кои одговараа само испитаници од исламска вероисповест, висок процент од 76% сметаат дека ИВЗ
успева да го зачува традиционалниот ислам во Македонија додека пак на прашањата дали ја одобрувате регистрацијата на Бектешите во Кичево како и дали на Бектешите од Тетово треба да им се дозволи регистрација висок процент од 56,9% и 55,7% респективно се противат на оваа идеја.
Оваа е трето по ред истражување спроведено од страна на овие три организации. Во претходните две истражувања се испитуваше степенот на религиозноста на населението како
и употребата на религијата во политички кампањи.
Целосните резултати од анкетата можете да ги најдете на http://www.kas.de/mazedonien/mk/publications/51802/