Партијата со најголем број освоени мандати на последните парламентарни избори на 11-ти декември, ВМРО-ДПМНЕ, во моментов има убедлива и стабилна предност пред владејачката СДСМ, покажува анкетата на Институтот „Павел Шатев“ направена во рамките на проектот „Избори 2017“ во кој ќе бидат спроведени и објавени серија на истражувања на јавното мислење како на национално, така и на локално ниво.
На прашањето „За кого би гласале доколу има избори следната седмица“, за ВМРО-ДПМНЕ се определиле 26,9 отсто од испитаниците, додека СДСМ добил поддршка од 18,9 проценти од потенцијалните гласачи.
Кај партиите на македонските Албанци минимална предност од 0,3-процентни поени има ДУИ (4,3 отсто) пред Движењето БЕСА со 4,0 отсто доверба меѓу испитаниците. Следуваат Алијансата за Албанците со 2,1, односно ДПА со 1,2 отсто поддршка.
За други партии гласот би го дале 3,8 отсто од гласачите, а за кого ќе гласаат одлука уште не дoнеле 10,5 проценти. Висок е процентот, од 28,3 отсто на испитаниците кои на посоченото прашање одговориле дека нема да гласаат.
Поголем, пак, е сразмерот на довербата којашто ја искажале испитаниците по прашањето „На кој политичар најмногу му верувате“, па лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ужива поддршка од 27,3 отсто од избирачите, додека актуелниот премиер и шеф на СДСМ, Зоран Заев, има поткрепа од 15,5 отсто.
Меѓу македонските политичари на ова рангирање се јавува и Љубчо Георгиевски со поддршка од 0,1 отсто, додека за други политичари се изјасниле вкупно 3,8 проценти од испитаниците, а 25,1 отсто немаат доверба во ниту еден политичар.
Кај албанските политичари Али Ахмети од ДУИ има предност со 4,1 отсто, пред Билал Касами од БЕСА во кој доверба имаат 3,3 проценти од испитаниците. Следат Зијадин Села од Алијансата со 2,4 и Менду Тачи од ДПА со 1,1 отсто доверба.
Истражувањето на јавното мнение на Институтот „Павел Шатев“ опфаќа и оцена на граѓаните за првите сто дена од работата на новата влада предводена од СДСМ.
Така, на прашањето „Дали сте задоволни од работата на Владата во првите 100 дена“, дури 55,1 отсто од испитаниците одговориле негативно, додека задоволни се повеќе од двојно помалку, односно 24,4 отсто Со „не знам“ одговориле 20,5 отсто од потенцијалните гласачи.
Анкетираните биле прашани и „Дали сметате дека во иднина Владата ќе работи подобро или полошо отколку во првите 100 дена“ и притоа, исто така, забележлива е уште понегативната перцепција на испитаниците отколку на претходното прашање.
Огромни 59,3 отсто од испитаниците сметаат дека владиниот кабинет на премиерот Зоран Заев не може во иднина да ја подобри својата работа, а во капацитетите на Владата сепак да работи подобро веруваат слаби 26,8 проценти. Не можеле да се одлучат 13,9 отсто од испитаниците.
Анктата е спроведени во периодот меѓу 9-ти и 12-ти септември, телефонски врз репрезентативен примерок од 1.230 испитаници со цел да ги утврди перцепциите на македонските граѓани кон повеќе актуелни политички прашања. Во истражувањето спроведено на ниво на Република Македонија, биле опфатени сите шест изборни единици, како и повеќе демографски карактеристики на населението вклучително пол и возраст, а исто така е направена поделба и според руралните и урбани места на живеење при што Скопје е земено како посебна целина.
Сите резултати од анкетата подлежат на статистичка грешка од плус/минус 3 отсто.