Јанкуловска ослободена за предметот „Тврдина“, за Грујевски пресудени 14 години затвор, a за Бошковски девет

Кривичниот суд во Скопје денеска донесе пресуда за случајот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување.

Екс-началникот на Петтата управа Горан Грујевски, шефот на кабинетот на поранешниот директор на УБК, Тони Јакимовски, вработениот во УБК, Никола Бошковски, и Валентина Симоновска, беа прогласени за виновни, додека поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, беше ослободена од вина.

Грујевски, кој е во бегство, доби казна затвор од 14 години и шест месеци за злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за фалсификување службена исправа.

Никола Бошковски, исто така вработен во УБК и во бегство, беше осуден на 9 години и 10 месеци затвор за истите обвиненија.

Јакимовски доби казна затвор од 3 години, додека Валентина Симоновска доби условна казна од 2 години, но условната казна нема да биде извршена доколку таа не стори ново кривично дело во рок од 5 години.

Во однос на Гордана Јанкулоска, судијата Илија Трпков истакна дека обвинението против неа не било докажано.

– Обвинетата Јанкулоска се ослободува од обвинение бидејќи јавниот обвинител не успеа да докаже надвор од разумно сомневање, дека го сторила делото за кое се обвинува – рече судијата.

Јанкулоска сега тужи во Граѓански суд и бара виновник за прислушувањето.

– Ако не во кривична постапка, се надеваме дека во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето и да се надомести нематеријалната штета која Гордана Јанкулоска ја има претрпено како една од најголемите жртви на прислушувањето – рече нејзиниот адвокат Влатко Илиевски.

Таа како министерка за внатрешни работи, немала информација дека била уништена опремата за прислушувањето, бидејќи кога стигнал извештајот – била еден ден пред заминувањето од позицијата.

Исто така, судот пресуди, Грујевски, Јакимовски и Бошковски да ја надоместат причинетата штета во износ од 87.422.668 денари.

Обврската за исплата мора да биде исполнета во рок од три месеци.

Пресудата е донесена по повеќегодишен судски процес што го привлече вниманието на јавноста поради сериозноста на обвиненијата и учеството на високи функционери во случајот.