Неспособноста на СДСМ на дело се покажува токму тука граѓаните гледаат дека оваа партија немаат ниту капацитет, ниту визија и план за да ја водат Република Македонија, а единствено нешто коешто добро им оди е блокирање, укинување и правење застои како што впрочем сега го прават со автопатската делница Кичево-Охрид, обвини во саботата претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Охрид и пратеник во Собранието, Љубен Арнаудов на локацијата „Мауцкер“ каде треба да поминува автопатот Кичево-Охрид
Аранудов посочи дека овој проект е испланиран и започнат од владата на ВМРО-ДПМНЕ, кој при предавањето на власта го оставила во напредна фаза на реализација, за сега да биде евидентен целосен застој без никаков сигнал за негово натамошно продолжување.
„ВМРО-ДПМНЕ напоменува дека изградбата на автопатот не смее да биде проблематизирана и опструирана, таа мора веднаш да продолжи, автопатот е важен за Република Македонија и за целиот регион бидејќи со него се подобрува поврзаноста долж европскиот Коридор 8 од Бари во Италија, преку Албанија и Македонија до Бургас во Бугарија, со него ќе се зголеми проточноста и ќе се допринесе за забрзан економски развој на целата држава, а особено на нашиот регион“, рече Аранудов.
Оцени дека е „срамно и безобразно“ ваквото однесување на СДСМ, кој во предизборната кампања ветуваше 600 километри автопат и 550 километри магистрални патишта, за сега „да гледаме дека не се способни да ги довршат автопатите кои ВМРО-ДПМНЕ ги започна и кои се во напредна фаза на реализација, а не пак да градат нови“.
„СДС имаат одговорност да ги реализираат ветувањата кои им ги дадоа на граѓаните, а тие наместо со работа и проекти се занимаваат со политикантство и млатење празна слама. Доколку не се способни и неможат да се сносат со обврските и одговорноста кои ги побарува управувањето со државата и за граѓаните и за нив е подобро ако си поднесат оставка , зошто само така ќе овозможат Република Македонија да оди напред“, заклучи Аранудов.