Националниот ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“ вечер ќе одржи целовечерен концерт во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово од 20 часот. Концерот е дел од долгогодишниот проект „Танец низ татковината“ што претставува циклус концерти во центрите за културата низ државата.
– На концертот во Тетово, ќе биде изведена програма во која зад најголемиот дел од нумерите стои потписот на прерано починатиот првенец и долгогодишен раководител на оркестарот на НУ „Танец“, големиот композитор, аранжер и инструменталист, Милан Завков, изјави Бранка Костиќ-Марковиќ, уметнички раководител на ансамблот.
„Танец низ татковината“ се целовечерни концерти на целиот ансамбл кој го сочинуваат играорен кор, вокален ансамбл и оркестар. Сите изведуваат атрактивна играорна и вокално-инструментална програма од разни региони на кои се создавало македонското музичко-сценско фолклорно наследство.