Врвот во македонската кошарка имаше навистина измешани емоции по турнирот во Перм на кој само поради поен количникот не обезбедивме пласман на Европското првенство, но ниту добрата слика и напредокот не се покажаа доволни Александар Тодоров да ја задржи својата функција.
Македонската репрезентација и официјално ќе добие нов селектор на 19-ти април, нешто што беше соопштено од страна на Федерацијата која во изминатиот период чекаше извештај од Тодоров за сработеното, а истовремено бараше и негова алтернатива.
Во недостиг на конкретни информации во изминатиот период, ова попладне пристигна вест за назначување на нов селектор во понеделник, што значи дека претседателот Перо Антиќ и директорот Тодор Гечевски донеле конечна одлука.
– Кошаркарската федерација ве повикува на прес-конференција која ќе се реализира на 19. април (понеделник), со почеток во 12:00 часот, на терасата на хотелот „Солун-СПА Супериор“ (улица „Никола Вапцаров“ број 10) во Скопје.
– На прес-конференцијата ќе биде претставен новиот селектор на машката сениорска репрезентација, – гласи објавата на КФСМ.
Од тоа што се шпекулира во кошаркарските кулоари, Драган Гајиќ е изборот на Перо Антиќ и Тодор Гечевски, тренерот кој оваа сезона е најпријатно изнендување со Игокоеа во регионалната АБА лига.
Извор: Дерби.мк