Антикорупциската Комисија бара разрешување на раководството на Фондот за иновации. Се сомневаат во незаконитости при доделување на државни пари на фирми на внукот на лидерот на ДУИ, Дрин Ахмети. Од вкупно 6 милиони денари на еден повик за проекти, пет милиони добиле фирмите на младиот Ахмети.
Разрешување на директорот на Фондот за иновации технолошки развој (ФИТР) Фестим Халили, како и на сите членови на Управниот одбор и Комитетот за одобрување на инвестиции. Ова го побара од Владата, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК ) поради сомневање за незаконско постапување при доделување на пари за проект во вредност од 81 илјада евра на фирми во сопственост на внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Дрин Ахмети.
Иницијативата за одговорност на првите луѓе на ФИТР ја изгласаа антикорупционерите на денешната последна седница во овој состав. Бајрами презентирајќи го предметот побара од Владата да ја преиспита целата работа на Фондот затоа што постои, како што вели, основано сомневање дека за несовесно и противзаконско работење на сите негови органи.
„ Јас лично се прашувам како во овој случај не реагирал Управниот одбор кој го следи работењето на Фондот и како Комитетот за одобрување на инвестиции дал одобрение повикувајќи се на една општа одредба во правилникот каде штуро на едно место се предвидени промени без да се прецизира какви промени, и кој ќе врши надзор“, вели Бајрами.
До сега од буџетот на Фондот се исплатени вкупно 35 илјади евра, а при тоа не е направена ниту една контрола од институцијата за да се изврши проверка како се потрошени нивните пари, посочува Бајрами повикувајќи се на документи добиени од ФИТР. Тој тврди дека исплатата на парите се извршувала авансно на квартална основа, а останатиот дел од парите требало да се исплатат по исполнувањето на условите за наменски потрошени пари. Според него спорно е што поголемиот дел од предвидениот буџетот за проекти на Фондот за иновации е доделен само на овие две компании.
„Ако за двата проекти се доделени 5 милиони денари, а вкупно биле предвидени 6 милиони денари, останува нејасно дали некоја друга компанија воопшто добила пари од ФИТР за проекти по тој јавен конкурс“, објаснува тој.
39 годишниот директот на Фондот, Халили, на оваа позиција дојде во јануари 2022 година, а претходно извршуваше неколку државни функции како директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура и на Националната радиодифузија. Тој во 2016 година кога се избираше тогашната таканаречена техничка-пржинска влада беше едно од кадровските решенија како заменик-министер и вицепремиер, односно дел од владиниот тим на млади кадри на ДУИ.
Станува збор за проекти на две фирми на Дрин Ахмети кои се добитници на грантови за конфинансирање за проекти за технолошки развој и забрзан економски раст од Фондот за иновации на 10 мај 2022 година.
Тор индустрис, фирма во целосна сопственост на Дрин Ахмети, на овој конкурс доби околу 32.000 евра за проектот насловен како „3D modeling and scanning of infrastructure design“. На истиот конкурс, фирмата на истиот Дрин Ахмети, Еверест ЏД добива 50.000 евра за проектот „Daтa management Efficiency System.
Според антикорупционерот Бајрами, сомнежот за незаконско делување лежи во промената на роковите за проектот и на неизвршениот надзор за сработеното предвидено во проектот. Тој додава дека во Комисијата утврдиле дека ваквото делување станало пракса во Фондот, па затоа и бара целосна проверка на работата на Фондот.
По објавените информации во медиумите за добитниците на овој конкурс од Фондот во јуни минатата година од Фондот реагираа дека сите пријавени компании на нивните јавни повици поминуваат процес на претселекција спроведена од три домашни стручни лица од 22 области на експертиза.
„Проектите се оценуваат согласно дефинираните критериуми: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликантот и влијание на проектот“, соопшти ФИТР додавајќи дека сите проекти кои ќе добијат просечена оцена од минумум 51 поен продолжуваат во следна фаза, а Финалната селекција ја прави Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), составен од 5 светски експерти.
Антикорупциската комисија бара одговорност од сите членови на Комитетот и од Управниот одбор поради неисполнување на законските обврски.
Бајрами вели дека не може да се покрене иницијатива за одговорност само на Директорот пред Управниот одбор, кога и тој треба да сноси одговорност, па затоа е преиначена иницијативата со која од Владата се бара одговорност за сите раководни лица.
Дрин Ахмети и стана познат на македонската јавност по објавување на договорот за купопродажба на бизнис центарот Соравиа во Скопје.
Чичкото на Дрин, Али Ахмети, како и министрите од ДУИ Бујар Османи и Крешник Бектеши во неколку наврати изјавија Дрин Ахмети е способен млад бизнисмен, откако беше обелоденето дека ќе го преземе над 30 милиони евра вредниот деловен објект Соравиа во центарот на Скопје.
Името на Дрин Ахмети повторно се појави во јавноста и кога вечерта пред Нова година, тој беше приведен од специјалната полициска единица Тигар затоа што во автомобил марка „ренџ ровер“ било пронајдено поголемо количество петарди. Дрин Ахмети тогаш изјави дека пиротехниката ја купил легално и во автомобилот носел подароци за своите внуци.
Неговиот брат Бесијан Ахмети беше предмет на разгледување во Антикорупциската комисија поради тоа што како помлад соработник за геолошки истражувања во министерството за економија со измени на закони му се овозможило да стане секретар во амбасадата во Брисел и претходно да биде назначен за економски промотор во Хаг. Со тоа се нанела неправда кон другите поискусни административни службеници, соопштија Антикорупционерите.