Антикорупциска ќе ги „чешла“ случаите „Глобал“ и „Едно евро за Вицето“

Државната комисија за спречување корупција на својата денешна 15-та седница одлучи да отвори постапки за шест пријави од ВМРО ДПМНЕ.

Меѓу овие предмети се и претставки за случаите „Глобал“ „Цареви кули“ „Едно евро за Вицето“ „бугарските фирми на Заеви“ и „грчките фирми на Дамјан Манчевски“.

Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска вели Комисијата, и покрај тоа што дел од овие случаи веќе имаат и судска пресуда, е должна да отвори своја постапка и да донесе сопствено мислење.

Антикорупциска ќе проверува и дали има корупција во доделување на земјиште за изградба на хидроцентрала на фирмата „МХ Тополки“ каде еден од сопствениците е и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. Постапката, според наводите од пријавата, е направена незаконски со непосредно договорање.

Анѓушев: Постапката ќе покаже дека нема ништо незаконско

Анѓушев во реакција по информацијата од Антикорупциска вели дека ќе се докаже дека се е законски и нема судир на интереси.

„ Оваа постапка само ќе докаже дека во случајот Тополки е се законски и без судир на интерес, договорот за концесија е добиен и потпишан во мај 2015 година и добивањето на земјиштето е во иста постапка како и за сите електрани и истото е добиено како резултат од добиената концесија, согласно со постапка која е иста за сите концесионери и сите над 80 електрани што се изградени во државата во последните 10 години“, тврди Анѓушев.

ВМРО ДПМНЕ:

Од ВМРО ДПМНЕ ја поздравија одлуката на антикорупционерите.

„Денеска сакаме да нотираме уште еден спорен процес за концесијата за 3 хидроцентрали на вицепремиерот на владата на СДСМ Кочо Анѓушев. Имено да потсетиме дека Кочо Анѓушев ја поседува фирмата МХЕ Тополки преку фирмата Фероинвест, а управител на истата е неговиот брат Тодор Анѓушев. МХЕ Тополки добила концесија од Владата за изградба на 3 хидроцентрали кои требало да ги изградат во рок од 3 години согласно член 68 од договорот за концесија кој што бил потпишан. Со нов анекс договор, потпишан од актуелниот министер на Заев во Владата, Садула Дураку, на вицепремиерот Кочо Анѓушев му се продолжува рокот за изградба за уште околу 2 години заклучно крајот на 2019 година бидејќи во првите 3 години нема ништо изградено“, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Арсовски вели не би имало ништо спорно доколку во првичниот договор не пишува дека доколку хидроцентралите не се изградат во рок од три години договорот се раскинува.

Антикорупциска ќе ја истражува и продажбата на земјиштето спроти Холидеј Ин

На предлог на претседателската на ДКСК отворен е предмет и за продажба на земјиштето кај Холидеј ин за сомнежи поврзани со негово окрупнување, но и за загрозување на животната средина.
Се отвори предмет и за истражување на набавките на Клиниката за хематологија и дали в.д. директорката Ирина Пановска Ставридис влијаела врз одлучувањето при набавките на лекови, бидејќи е ќерка на сопственикот на веледрогеријата „Др Пановски”, како и за унапредување на вработени без стручно образование, за влијание и непотизам. Исто така за неа ќе се испитува и дали по повторниот избор за в.д директор доставила анкетен лист до Антикорупциска.
ДКСК, исто така, по сопствена иницијатива, како што истакна членот Нури Бајрами, врз основа на сознанија од медиумите отвори случај за набавката на четири возила во Општина Струга во вредност од 114 илјади евра, од кое едно возило „Ауди А6“ што, како што беше објавено во медиумите, ќе биде за градоначалникот Рамиз Мерко и чинело 67 илјади евра.