Ние ги спроведуваме своите надлежност врз основа на податоци, информации и документи од надлежните институции без намера „да ја замајуваме јавноста“ или „да наштетиме на нечија личност“, реагираат од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на соопштението на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, во кое тој ги обвини антикорупционерите за паушални обвинувања кон него со цел да наштетат на неговата личност.
Реакцијата следуваат откако ДКСК одлучи да поведе иницијатива за утврдување одговорност против Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, за незаконито постапување со цел примање награда – луксузно возило „Доџ Вајпер СРТ“, а тој возврати дека од Комисијата изнесуваат еклатантни невистини и повика јавно да ги објават сите документи.
„Според член 17 став 5 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК има надлежност да покренува иницијатива пред JO, за поведување постапка за кривично гонење за предметите во кои постои сомневање за можни злоупотреби. Поради тајноста на постапката во конкретниот случај, ДКСК не е во можност да ги објави бараните информации, a целокупната документација ке ја достави до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, која е надлежна мериторно да одлучи“, велат антикорупционерите во одговорот на реакцијата на Рашковски.
Според ДКСК, сопругата на Рашковски добила на подарок автомобил од 50 000 евра од страна на лицето Игор Христов, кој истото го купил за невообичаено ниска цена (5 000 евра) од гостиварската фирма. Фирмата, пак, претходно побарала од Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, за имот со деловен простор во Гостивар во сопственост на државата да ѝ биде пренесено правото на градење и уредување.