Новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во периодот од 14 април до 1 јули 2015 година наследила 105 предмети од областа на корупцијата, чие постапување било во тек, од страна на стариот состав, а има оформено вкупно 37 нови предмети по пријава за постоење елементи за корупција од граѓани, правни лица и други. Во наведениот период било постапувано по 79 предмети, од кои се решени 39.
Ова се податоци кои на денешната прес-конференција ги презентираше претседателот на ДКСК Горан Миленков, кој говореше и за Државната програма за превенција и репресија на корупцијата 2016-2019 година, за ИПА Твининг проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата, како и за Регистарот на функционери во Република Македонија и за ВПН конекцијата со Цариснката управа со која може да се врши преглед на податоците за вработените во царината со цел проверка на анкетните листови за имотната состојба.
Со започнување на мандатот на новиот состав на ДКСК било извршено и примопредавање на 111 предмети од областа на судир на интереси, чие постапување било во тек.
Според Миленков, новиот состав на ДКСК отворил вкупно 42 нови предмети, поднесени од службени лица, нивни претпоставени односно функционери кои раководат со државни органи, од анонимни подносители, како и по пријави, подвлече, од други заинтересирани лица. Од новоотворените предмети, нагласи претседателот на ДКСК, завршени се 25. ДКСК има изречено 5 јавни опомени на службени лица кои биле во судир на интереси, а има примени 53 изјави за интереси.