И покрај законските измени кои за првпат овозможија избор на шеф на Oбвинителството за организиран криминал и корупција преку гласање на сите обвинители, Министерството за правда и Антикорупциската комисија имаат забелешки на начинот на кој беше избран наследникот на Вилма Русковска.
Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, се сомнева дека имало политичко влијание при изборот на Ислам Абази. Имаше забелешки во однос на моделот по кој се гласаше за избор на нов шеф на обвинителството за организиран криминал и корупција. Ивановска порача и дека тоа што во јавноста се појавија фотографии од Ислам Абази со првите луѓе на ДУИ остава простор за сомнеж дека можеби и тоа имало некакво влијание во изборот.
Моделот по кој обвинителот Ислам Абази беше избран за нов шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција според министерот за правда, Никола Тупанчески, покажал слабости, па смета дека е потребно унапредување на моделот и воведување дополнителни критериуми согласно кои ќе се бира шеф на ова обвинителство во иднина.