Антикорупциска утврди сомнежи за партиско влијание при вработувањето на сопругата на Костовски во МНР

Постои основано сомневање за влијание од пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски за вработување на неговата сопруга во МНР, но бидејќи немало други кандидати, Антикорупциска не може да го утврди потенцијалното влијание и нема законска можност за понатамошно постапување, е одлуката на Државна комисија за спречување на корупцијата, донесена на 25 април годинава.

Но, сепак, бидејќи Костовски не го пријавил во ДКСК вработувањето на својата сопругата платил глоба (која се движи од 300 до 500 евра) за што приложил уплатница.

 

Вработувањето во Министерството за надворешни работи на сопругата на пратеникот Костовски го обелодени ВМРО-ДПМНЕ во септември минатата година, а тогаш министерот Бујар Османи изјави дека таа е преземена од друга институција во Куманово и според него, била компетентен кадар.

На истата седница во април, Антикорупциска го разгледувала и предметот со вработувања на поранешни и кандидати за градоначалници на СДСМ во Министерството за внатрешни работи.

Според образложението, бидејќи лицата се вработени во постапка без јавен оглас, согласно член 76 од Законот за внатрешни работи, постои основано сомневање за партиско влијание од СДСМ за вработување на поранешните градоначалници од таа партија во МВР, во 2021. Но, Комисијата немала надлежност за понатамошно постапување.

„Поради тоа што актите за организација и систематизација на работните места во МВР се класифицирани, пракса е во МВР вработувањата да се вршат по член 76 од Законот за внатрешни работи, односно без објава на јавен оглас. Ваквиот принцип на избор на лица кои ќе бидат ангажирани во МВР создава простор за влијание при вработување, состојба на непотизам, клиентелизам и кронизам, создава услови за недоследна примена на здравствените и безбедносните проверки, ги нарушува основните уставни права на граѓаните“.