![anatoli antonov](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/06/anatoli-antonov.jpg?resize=675%2C543&ssl=1)
Новиот пакет американска воена помош за Украина од 325 милиони долари го турка Вашингтон подлабоко во „амбисот“ на конфликтот, изјави рано во средата рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов.
Пакетот, кој вклучува муниција за системи за противвоздушна одбрана, други видови муниција и прокетили, како и оклопни борбени возила, доаѓа додека Украина се обидува да ѝ даде форма на својата долгонајавувана контраофанзива.
„САД влегуваат сè подлабоко во бездната на украинската криза. Очигледно, американските стратези некако не разбираат дека ниту едно количество оружје, без оглед на вмешаноста на платеници, нема да може да го сврти текот на (руската) специјална воена операција“, порачува Антонов во објавата на каналот Telegram, цитиран од агенцијата Reuters.
Соединетите држави, Европската унија и другите сојузници на Украина му испорачуваат на Киев воена помош во вредност од милијарди долари од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, како продолжение на таквите активности започнати интензивно во 2014 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот ја поздрави новата американска помош, велејќи на Твитер дека тоа е она што им е потребно на украинските одбранбени сили – „ефикасна помош во ослободувањето на територијата привремено окупирана од рускиот агресор“.