Роднинската струмичка тендерска спрега во Дрисла открива сомнеж за криминал. Практично град Скопје и Петре Шилегов се ставени на услуга на струмичкото бизнис лоби на Заеви и во четири очи сред криза со корона склучува договори од 12 милиони денари, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на прес-конференцијата.
„Веќе трет ден молчат Петре Шилегов и Коста Начевски – директорот на Дрисла, како и на кој начин ја одбрале фирмата Алпима ТИМ ДООЕЛ Струмица на Александар Пиперевалиев за милионскиот тендер за градежни машини во ЈП Дрисла. Трет ден гледаме само молк и бледи соопштенија што уште еднаш потврдува дека ја кријат поврзаноста меѓу себе и сакаат овој тендер во оваа вонредна состојба да помине незабележан од јавноста“, нагласи Јанушев и нагласи:
„Ова се вика профитерство на криминално-рекетарската банда на власт во услови на корона“.
Јанушев објасни дека сопственикот на фирмата која го доби тендерот е близок до семејството Заеви и е близок со Драги Рашковски, додека пак директорот на ЈП Дрисла е прв братучед на сопругата на Драги Рашковски.
Тој смета дека е очигледно влијанието на овие ликови, токму фирмата на Пиперевалиев да го добие овој тендер.
„Додека во Македонија бизниси пропаѓаат поради корона кризата, Шилегов преку Дрисла наградува со тендер од 12 милиони денари фирма блиска до Заеви. Ова е класичен начин на испумпување на парите на граѓаните преку блиски фирми на власта, да не речам нивни. Да имаа грам морал и доблест денес веќе првите луѓе во градот Скопје и Дрисла поради тендерот во 4 очи ќе ги напишеа своите оставки, а ОЈО ќе испитуваше криминал“, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека за ова некој мора да одговара и дека ќе одговара.
„Срамота и жалосно е додека граѓаните мака мачат со здравствените и економски предизвиците од коронавирусот, СДСМ ја користи секоја можна прилика да намести по некој нов тендер“, потенцира Јанушев.
Тој уште еднаш ги повика надлежните институции да го испитаат случајот. Доколку тоа не го направат сега, порача Јанушев, многу набрзо ќе има ревизија на сите вакви тендери за кои има сомнеж дека се наместени, а верува дека ги има многу.