Денеска се обратив на пленарната сесија на Парламентарното собрание (ПС) на ОБСЕ (во писмена форма согласно протоколите на ОБСЕ). Најпрво, го изразив моето задоволство што имам прилика да земам учество и да се обратам пред колегите и ја потенцирав нашата поддршка за приоритетите на Шведското претседателтво. Исто така, се заблагодарив за големата улога на ОБСЕ и мисијата на ОБСЕ во Република Македонија за придонесот кон демократските процеси во нашата држава, стои во фејсбук статусот на Игор Јанушев, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, исто така, потенцирав и дел од суштинските работи кои се случуваат во Република Македонија – дека сме апсолутни рекордери во однос на криминалот и корупцијата во највисоките редови на владата, дека реформи воопшто нема и истото е наведено во сите релевантни извештаи. Укажав на фактот дека во Македонија има околу 3000 политички мотивирани обвиненија, односно судски процеси“, наведува во објавата Јанушев.
„Понатаму, пред колегите од ПС на ОБСЕ истакнав што се направи Македонија за конечно да започнеме пристапни преговори, а сепак ЕУ не го испорача она што го вети. Напоменав дека ова е сериозен удар за Македонија, воведувањето на билатерални проблеми во рамката за преговорите е преседан што ЕУ не смее да си го дозволи, а асимилацијата на една нација во 21 век е нешто што дури и Џорџ Орвел во неговите научно-фантастични романи не може да го замисли.
За крај, пред колегите потенцирав дека ние сме Македонци, зборуваме Македонски јазик и како такви сме целосно посветени на обврските на Македонија во однос на ЕУ перспективата на државата и сè уште се надеваме дека разумот ќе надвладее“, вели тој во неговата фејсбук објава.