Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ ќе биде на протести се додека на граѓаните не им се овозможи подобар живот

Основната порака на она што денес го започнавме е дека ВМРО-ДПМНЕ е на улица и дека ќе биде на протести се додека на граѓаните на Република Македонија не им се овозможи подобар живот, изјави за МТВ генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев по завршувањето на денешниот протест против поскапувањето на цената на струјата.

– На денешниот протест упативме неколку барања од кои најважно е дека нема да отстапиме додека не се намали цената на струјата, секако оставка од првиот човек на регулаторна комисија Бислимовски и целосна департизација на ова регулаторно тело кое треба да биде независно. Со скапата струја се обременува и онака тешкиот живот на граѓаните, народот живее во беспарица во оваа криза што не зафати, и дополнително на шверцерски начин како што секогаш го прави СДСМ и така го протнаа зголемувањето на струјата, вели Јанушев.

Тој истакна дека се работи за класично перење на парти затоа што прв пат се случува во еден ваков период да се направи наменски покачување и се овозможува на единствениот добавувач повеќе од 20 милиони евра, а за таа цел тоа го покриваат со тоа што ангажираат една фирма за обезбедување од Струмица.
Јанушев најави дека и понатаму ќе има протести затоа што, како што рече ВМРО-ДПМНЕ докажало дека е на страната на народот.

– Во изминатиов период од три години, ова раководство организираше десетици и десетици протести и барања и на секој можен начин се покажуваше пркос, во однос на она што значи навистина подобар живот за граѓаните. Заев може милијарда пати да излезе во медиумите и да каже дека блескаме, но да го запрашаме народот кога оди во продавница дали навистина блескаме, бидејќи има се помалку пари, а граѓаните се посиромашни, потенцираше Јанушев.