Димитар Апасиев членот на Президиумот на Левица на својот фејсбук профил обвини за судир на интереси во случајот со Кочо Анѓушев, кој е кадар на социјалдемократите за економски прашања. Според Апасиев ден пред да биде избран Анѓушев, била дадена привремена дозвола за производство на струја на мала хидроелектрана на која како косопственик се јавува токму Анѓушев.
„Постои реален СУДИР НА ИНТЕРЕСИ во новата Влада! Имено, составот на Владата е избран на 31 мај 2017, а беше објавен во Сл. весник бр. 65 (1 јуни 2017). Само една страница подолу има Одлука на Регулаторната комисија за енергетика (од 31 мај 2017) за давање привремена дозвола за производство на струја на мала хидроелектрана чиј косопственик е г. КОЧО АНЃУШЕВ!?
Во Сл. весник бр. 66, ден пред изборот на новата Влада, Регулаторната комисија објавила статус на повластен производител на електрична енергија на друга хидроцентрала каде Анѓушев повторно е косопственик!?
Ова е типична буржоаска игра со која е изигран законот, бидејќи Регулаторната комисија ги донела одлуките за доделување дозволи за бизнисите на Анѓушев да оперираат пред тој да стане вицепремиер – оти ако овие одлуки беа донесени два дена подоцна, ќе можеше да се покрене кривична постапка…“– пишува Апасиев.