Апасиев вели дека би коалицирал со СДСМ, но не и со ВМРО-ДПМНЕ

Димитар Апасиев, лидерот на „Левица“ најави можна коалиција со лева опција, дискретно алудирајќи на СДСМ. Она пак што директно го направи е дека најави дека не може да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, односно, како што вели тој: „Ние НЗС со ДПМНЕ не можеме да најдеме“.
Во гостувањето на „Сител Подкаст“ Апасиев зборуваше за својот приватен живот, професионална кариера, но и политички гледишта. Тој се осврна на структурата на „Левица“.

-Ние педантно и паметно ја развиваме структурата и партијата. Не би влегле по секоја цена во Влада како Алијанса и другите со две министерски места, со 100 вработувања. Платформа или се договараме политички, па после кадровски ќе зборуваме. Кредитот кој ние го создаваме сите години не би го прокоцкале така. Математиките велат дека по следните избори ќе видиме дали би имале влада. Битно е платформски, пример 15 точки од кои нема отстапување. Мене не ми е битно кој ќе е директор, дециден е Апасиев.

Апасиев вели „Ние НЗС со ДПМНЕ не може да најдеме“ притоа алудирајќи дека можна е коалиција со лева опција, веројатно СДСМ.

-Нашата програма е радикално левичарска, ние НЗС со ДПМНЕ не можеме да најдеме. Во економија тие се рамни ниски даноци, ние сме за прогресивни и повисоки даноци за богатите. Не е ни природно левица да коалицира со десница. Ако ви текнува примерот за Сириза, они си отстоија неколку мандати чекајќи го народниот револт. Ципрас така направи влада, вели тој.

За себе вели дека „непредвидлив“.

Таман кога ќе мислат „овој се шитна, тогаш ќе видиш сосема друго“. Во политиката има многу глума, заклучува тој.

Во јавноста се јавуваат многу сомнежи дека Левица одработува за СДСМ.

Левица за свој претседателски кандидат ја предложи професорката Билјана Ванковска. За неа пак, чудно е што најголем број од критиките ги упатува кон контото на Гордана Силјановска Давкова, а притоа, за потсетување, токму Ванковска ја поддржа Силјановска Давкова во 2019 година.