Апелација ќе одлучува дали да го пушти од куќен притвор Орце Камчев

Апелационитe судии на седница закажана за попладнево треба да ја разгледаат жалбата на адвокатот на бизнисменот Јордан Камчев да му биде укинат куќниот притвор во случајот „Империја“ на СЈО. Жалбата на Камчев до второстепениот суд била поднесена пред Врховниот суд да го донесе начленото правно мислење за истрагите на специјалното јавно обвинителство. И останатите осомничени поднеле жалба да им биде укината оваа мерка. Кривичниот суд им го продолжи куќниот притвор на осомничените во оваа финансиска истрага на СЈО.

Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Во предистражната постапка, СЈО тврди дека обезбедило доволно докази од кои произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.