Апелациониот суд ја потврди казната за Груевски

Затворската казна од 2 години за експремиерот Никола Груевски ја потврди Апелациониот суд Скопје. Казната е за незаконито влијание на обвинетиот Груевски за набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард.

Казната на осудениот Ѓоко Поповски му е намалена од 6,5 на 4, 5 години.

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-23/18, познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Ѓ.П. од С. делумно ја уважи на начин што ја преиначи во делот на одлуката за казната и го осуди на  казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди, соопшти Апелациониот суд во Скопје.

Во 2011, МВР донело одлука за купување блиндирано возило најмногу до 243.000 евра, поради осиромашениот буџет на министерството, но под влијание на тогашниот премиер Никола Груевски со барања за луксуз, Гордана Јанкулоска како министер потпишала одлука за набавка на ново возило од речиси 600 илјади евра.

Пред Апелација беа сите докази за тоа како била наместена јавната набавка која ја спровел третообвинетиот, поранешниот шеф на јавните набавки во МВР Ѓоко Поповски. Односно, како со тие критериуми била исклучена конкуренцијата. За техничките спецификации што биле наведени во тендерската документација, понуда дал само „Макаутостар“, бидејќи биле направени за блиндиран „мерцедес С-600 гард“, никако за „бе-ем-ве“, „ауди“ и останатите типови возила кои можеби би биле поевтини.

Следуваат завршните зборови на тројцата адвокати на Груевски и на адвокатот на Поповски.

Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.