Заклучно со вчерашниот ден се аплицирани над 20.000 вакцини против сезонскиот грип, а закажани се 39.000 термини за кои граѓаните преку Мој Термин добиле порака за вакцинирање со точен датум и вакцинален пункт, информираше министерот за здравство Беким Сали.
При денешната посета на вакциналниот пункт при Центарот за јавно здравје Скопје во Амбуланта Пролет, Сали информираше дека вакцинацијата започна навремено на сите вакцинални пунктови.
-Првпат започна во октомври, за разлика од претходните години. Како што знаете, пред средината на октомври стигнаа вакцините и по финализирање на процедурите во Агенцијата за лекови и медициснски средства МАЛМЕД, пристапивме кон распределба на количините во сите пунктови, вели министерот.
Најави дека од следната недела започнува имунизација во здравствените домови на терен, односно пациенти во старските домови и дијализните центри.
-Од Министерството се обезбедени 40.000 вакцини против грип за ранливи групи на население, а дополнителна количина се обезбедени од организацијата ПиВи, односно 20.000 дози донација, појасни министерот Сали.
Во делот на донацијата од страна на ПиВи, тој додаде дека вакцините се веќе пристигнати, а се очекуваат административните процедури во МАЛМЕД да бидат регулирани и веќе од следната недела да бидат подготвени за употреба.
Во одговор на новинарско прашање, министерот Сали посочи количините на вакцините се набавуваат врз основа на податоците од претходните години.
-По се изгледа добрата организираност на целиот тим што се ангажираше околу снабдувањето и дистрибуцијата на вакцините ја покажа ефикасноста и се гледа дека интересот е поголем од минатата година. Секако ова ќе биде показател да планираме повеќе од предвиденото. Оваа година има вкупно 60.000 вакцини, а според анализите ќе бидат добар репер колку вакцини да испланираме за следна година, изјави министерот и додаде дека доколку оваа година интересот е поголем од моменталниот, Министерството ќе ги искористи капацитетите да набави дополнителни количини.
Апелираше дека вакцинацијата против грипот е најефикасна мерка за спречување појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи. Додаде дека со бесплата вакцинација се опфатени граѓаните од ранливите групи како што се лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години.
Директорот на Центарот за јавно здравје Бесим Заќири рече дека вакцинацијата на вакциналниот пункт во Амбулантата Пролет се одвива во најдобар ред и оти се работи во две смени.
-Досега се аплицирани околу 700 вакцини преку Мој термин и 650 комерцијални. Сметам дека овој период е најдобар за вакцинација и апелирам масовно да се вакцинираат како најбезбеден начин за заштита од сезонскиот грип, истакна Зехири.