Рокот за поднесување барања за директни плаќања за произведена и продадена оризова арпа е во тек и ќе трае до 31 август 2016 година, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства кои произвеле оризова арпа од реколтата 2015 година и ја предале во регистрирани откупни претпријатија од 1 јули до 31 јули 2016.
Висината на директните плаќања е пет денари по килограм за пријавена површина со ориз до два хектара, четири денари по килограм за пријавена површина со ориз од два до 10 хектари и три денари по килограм за пријавена површина со ориз над 10 хектари.
Според Агенцијата, при пресметка на финансиската поддршка се земаат предвид количините кои не надминуваат 5,5 тони по хектар.
Барањата се поднесуваат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со доставување потврда за предадена оризова арпа која ја издава откупното претпријатие.