Ситуацијата во северниот дел на палестинската енклава Појасот Газа е „апокалиптична“ бидејќи Израел, како што тврди повеќе од една година ја продолжува својата сеопфатна воена офанзива против милитантите на Хамас во таа област, предупредија во петокот високи претставници на Обединетите нации.
„Целото палестинско население во северниот дел на Газа е во непосредна опасност од смрт од инфекции, глад и насилства“, се вели во изјавата потпишана од шефовите на агенциите на ОН, вклучително и детската агенција на ОН – УНИЦЕФ и Светската програма за храна, како и други хуманитарни групи.
Израел започна жестока воена операција во северниот дел на Газа на почетокот на октомври. Соединетите држави соопштија дека ја следат ситуацијата за да се уверат дека Израел не спроведува „политика на изгладнување“ на теренот на северот.
„Хуманитарната помош не може да го одржи чекорот со обемот на потребите поради ограничениот пристап. Основните прехранбени продукти кои спасуваат животи не се достапни. Хуманитарните работници не можат безбедно да ја вршат својата работа, тие се блокирани од израелските сили…“, велат светските организации.
Ги повикаа завојуваните страни во Газа да ги заштитат цивилите и го повикаа Израел „да го запре нападот врз Газа и хуманитарците кои се обидуваат да помогнат“.
Израелската мисија во ОН во Њујорк одби да ја коментира изјавата. Амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, минатиот месец изјави пред Советот за безбедност дека проблемот во Газа не е недостатигот од хуманитарна помош, истакнувајќи дека во текот на изминатата година биле испорачани повеќе од милион тони помош. Тој го обвини Хамас за наводна кражба на хуманитарната помош, повторно без да пружи никакви веродостојни докази за тоа.
Хамас постојано ги негираше обвинувањата дека Израел ја одзема помошта и тврди дека Израел е виновен за недостигот од храна за 2,4 милионското население во палестинската енклава.
Во понеделникот, палестинската служба за итни случаи соопшти дека околу 100.000 луѓе се отсечени во Џабалија, Беит Лахиа и Беит Ханон во северниот дел на Газа од каква и да е помош во медицински материјали или храна.
Шефицата на УСАИД, Саманта Пауер, разговараше со израелскиот амбасадор во САД во петокот додека се ближи рокот за Израел да ја подобри ситуацијата или да се соочи со потенцијални намалувања на американската воена помош.
Пауер и Херцог „разговараа за потребата да се достави поголема помош за Палестинците“, рече портпаролот на УСАИД, Бенџамин Суарто, додавајќи дека Пауер „изрази сериозна загриженост за хуманитарните услови во северна Газа“.
Соединетите држави му порачаа на Израел во писмо од 13-ти октомври дека мора да преземе акција во рок од 30 дена.