Јапонија го лансира „Месечевиот снајпер“

Со лансирањето на „Месечевиот снајпер“, Јапонија сака да стане петтата земја којашто ќе спушти вселенско летало на природниот сателит на Земјата, а целта на ова лансирање е да се тестира технологијата за атерирање со цел натамошен развој на вселенската програма.

Лансирањето доаѓа неколку седмици откако Индија стана првата земја којашто ја спушти сондата „Викрам“ на месечевиот Јужен пол, кој не се гледа од Земјата, поттикнувајќи изливи на национална гордост и нагласувајќи ја новата вселенска трка во којашто учествува приватниот сектор.

Мисијата на Јапонската агенција за истражувања на Вселената (JAXA) е закажана за в четврток. Ракетата „H-IIA“ којашто го носи Паметниот лендер за истражување на Месечината (SLIM), наречена и „Месечев снајпер“, ќе полета од вселенскиот центар Танегашима во јужна Јапонија, соопштија од „Mitsubishi Heavy Industries“ (MHI) која ги произведува ракетите „H-IIA“.

Уредот SLIM е мал и лесен со височина од 2,4 метри, широчина од 2,7 метри и должина од 1,7 метри, а тежок е околу 700 килограми. „Месечевиот снајпер“ би требало да се спушти на површината на видливата страна на Месечината, кај месечевата рамница Маре Нектарис.

Мисијата има цел спушти лесно евтино вселенско летало на Месечината, во рамките од 100 метри од предвиденото место на атерирање, со користење на напреден визуелен навигациски систем. Мисијата чини 100 милиони долари и би требало да стаса на Месечината до февруари следната година.

Јапонската вселенска програма е една од најобемните на светот, но нејзиниот прв обид за спуштање на лендерот на Месечината не беше успешен во ноември 2022 година, а новиот тип ракета експлодираше во текот на тестирањето во август годинава. Во JAXA сега надежите ги насочуваат на „смарт лендерот“ за истражување на Месечината.

Јапонија минатата година, исто така, се обиде да ја спушти лунарната сонда „Омотенаши“ која ја носеше вселенското летало „Artemis-1“ на американската агенција за вселенски истражувања NASA, но мисијата падна во проблеми и контактот беше загубен.

Јапонија, исто така, имаше проблеми и со лансирното возило, со неуспешно лансирање на следната генерација од моделот „H3“ во март годинава и вообичаено сигурните ракети на цврсто гориво „Епсилон“ ланскиот октомври. Во јули годинава, тестот на ракетата „Еспилон Ес“, подобрена верзија на „Еспилон“ заврши со експлозија 50 секунди по лансирањето.