Јапонија издвојува рекордни 48 милијарди долари за буџетот за одбрана

27

Јапонското Министерство за одбрана побара рекордно висок буџет за следната фискална година (што почнува на 1 април 2022 година) со повеќе од 5,4 трилиони јени или околу 48,49 милијарди долари, јави телевизијата НХК.

Јапонското Министерството за одбрана има намера да побара од буџетот пет трилиони и 479,7 милијарди јени (48,49 милијарди долари), а за оваа сума во моментов се преговара со Министерството за финансии.

Со планираните средства се планира конкретно 10,1 милијарди јени (89 милиони долари) да одат за развојот на беспилотни летала, опремени со вештачка интелигенција што можат однапред да ги предупредат борците за опасност. Вкупно 39,3 милијарди јени (347,8 милиони долари) се побарани за модификација на наведуваните крстосувачки ракети со долг дострел, со кои можат да бидат опремени бродовите и авионите-ловци.

Воените расходи во Јапонија растат 10 години по ред, но сè уште не достигнале два отсто од БДП-то.

Истовремено, во дополнителниот буџет за тековната фискална година ќе се издвојат уште 773,8 милијарди јени (6,84 милијарди долари) за воени трошоци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.