Јапонија разгледува распоредување 1.000 крстосувачки проектили со долг дострел за да ја зајакне својата способност за противнапад против Кина, извести во неделата токискиот весник Yomiuri.
Постојните ракети би биле модифицирани за да им се зголеми дострелот од 100 на 1.000 километри, пишува дневниот весник повикувајќи се на владини извори.
Проектилите, кои би биле лансирани од бродови или авиони, би биле стационирани главно околу јужните острови Нанси и би можеле да ги досегнат крајбрежните области на Северна Кореја и на Кина, се проценува во написот на Yomiuri.
Јапонија, која во согласност со својот повоен устав со кој се одрекува од војна, војската може да ја користи само за самоодбрана, но изминатите години направи некои уставни измени ги зголеми своите воени трошоци и зазема поофанзивна стратегија. Меѓутоа, се воздржуваше од распоредувањето проектили со долг дострел, во рамките на своите ограничувања за оружја кои може да погодат цели на туѓа територија.
Регионалните тензии пораснаа овој месец откако претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, го посети Тајван што Кина го оцени како повреда на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Пекинг одговори со големи воени маневри во Тајванскиот теснец со боеви гаѓања и лансирање балистички проектили кои паднаа во водите на ексклузивната економска зона на Јапонија.