Јапонија првпат издаде предупредување за зголемен ризик од силен земјотрес во блиска иднина, јавува BBC во четвртокот.
Предупредувањето издадено во четвртокот доцна вечерта по локално време го повикува населението да биде претпазливо, но да не се евакуира. Исто така, беше посочено дека предупредувањето не значи дека претстои голем земјотрес, туку дека е поверојатно од вообичаено да се случи.
Предупредувањето дојде неколку часа по земјотресот со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала што го погоди јужниот остров Кјушу, но не предизвика големи штети.
Но, експертите се во состојба на зголемена готовност поради локацијата на епицентарот, на работ на раседот Нанкаи, област на сеизмичка активност што се протега долж јапонскиот брег на Пацификот. Претходните земјотреси во пукнатината Нанкаи оставија илјадници жртви.
Овие „мегаземјотреси“ се забележуваат на секои 90 до 200 години, а последниот се случил во 1946 година.Експертите велат дека има 70 до 80 отсто шанси за земјотрес со јачина од 8 или 9 степени според Рихтеровата скала некаде покрај раседот во следните 30 години, според Kyodo News.
Проценките за најлош случај покажуваат дека повеќе од 200.000 луѓе би можеле да загинат во земјотресот и можното цунами што ќе следи.
Денешното предупредување ќе важи една седмица. Од жителите се бара да бидат повнимателни во наредните денови. Официјалните лица, исто така, им порачаа на луѓето да бидат претпазливи, но да продолжат со секојдневниот живот. Го советуваат населението да ги проверат правците за евакуација каде што е потребно и да се осигураат дека нивните домаќинства имаат доволно залихи.