Јапонија се надева дека сончевата светлина ќе може да ја спаси мисијата на Месечината

Јапонија можеби ќе успее да ја спаси својата мисија на Месечината, вели тамошната вселенска агенција Јаха, доколку сончевата светлина ја погоди на вистинското место. Вселенското летало Слим беше исклучено само три часа по неговото историско допирање на Месечината во саботата за да заштеди енергија.

Инженерите сфатија дека неговите соларни ќелии се насочени кон запад, подалеку од Сонцето и не можат да генерираат електрична енергија. Но, тимот на мисијата сега се надева дека ситуацијата може да се подобри со промената на условите за осветлување, пренесува Би-Би-Си.

„Доколку сончевата светлина во иднина ја погоди Месечината од запад, веруваме дека постои можност за производство на електрична енергија и во моментов се подготвуваме за реставрација“, се вели во соопштението на Јаха.

Мисијата Слим – исто така наречена „Снајперист на Месечината“ поради употребата на технологии за прецизно слетување – ја направи Јапонија само петтата нација во историјата што завршила мек „тачдаун“ на Месечината.

Но, радоста од гледањето како се спушта леталото набрзо се претвори во загриженост бидејќи нивото на моќност се намали.

„Батеријата беше исклучена според нашите процедури со преостаната моќност од 12%, со цел да се избегне ситуација кога повторното стартување (на слетувачот) ќе биде попречено“, објавија од Јаха.

Пред исклучувањето, контролата на мисијата можеше успешно да собере детали за тешката состојба на Слим, како и слики и податоци за неговото спуштање на површината на Месечината. Агенцијата вети ажурирања во текот на неделата.

Мисиите на Месечината се обидуваат да слетаат рано во „лунарниот ден“, кога Сонцето излегува на источниот хоризонт. Ова му дава на вселенското летало околу две „земјени недели“ на осветлување пред Сонцето потоа да зајде на запад за две недели темнина.