Јапонија стана петта земја во светот која успешно спушти вселенско летало на Месечината, откако SLIM (интелигентниот робот за истражување на вселената), меко атерираше на површината на Месечината, соопшти Јапонската агенција за вселенски истражување (JAXA), додавајќи дека е воспоставена комуникацијата со сондата.
Претставниците на JАХА ја опишуваат мисијата како „голема пресвртница“ и голем чекор напред за идното истражување на Вселената. Мекото слетување на Месечината значи контролирано спуштање на вселенско летало на површината без значително оштетување на леталото и/или неговите научни инструменти.
Наречен „Месечевиот снајпер“, SLIM се обидел да слета на само 100 метри од зададената локација, за разлика од конвенционалната прецизност која може да се протега неколку километри. Научниците сѐ уште се обидуваат да утврдат дали успеал.
JAXA соопшти дека SLIM слетал на земјиниот сателит околу 12,20 часот по јапонско време во саботата и дека комуникацијата била воспоставена. Досега е исполнето „минималното ниво“ на успех на мисијата, се додава.
Но, научниците велат дека соларните генератори не работат, па леталото се потпира исклучиво на батериите кои ќе се истрошат.
JAXA додава дека оваа технологија за слетување ќе стане моќна алатка за идно истражување на ридските лунарни полови, за кои се претпоставува дека се потенцијален извор на кислород, гориво и вода, суштински фактори за поддршка на животот. Се надеваат дека оваа нова технологија ќе овозможи спуштање и на опасен, карпест терен.
SLIM ќе ја проучува површината јужно од Морето на тишината за краток временски период. Неговата цел е локација во близина на мал ударен кратер во рамнината позната како Море на Нектар, за која се верува дека е формирана од античка вулканска активност. Таму ќе го истражуваат составот на карпите, што би можело да помогне во подобро разбирање на формирањето и развојот на Месечината.
До денеска, само четири земји успеале да слетаат вселенско летало на Месечината: САД, Русија во рамките на поранешниот СССР, Кина и Индија. Повторните обид на Русија лани и на САД оваа година беа неуспешни.