Јапонија започнува ракетна програма поради „кинеската закана“

Јапонската влада му доделила на најголемиот домашен производител во воено-одбранениот сектор „Mitsubishi Heavy Industries“ договори во износ од 378 милијарди јени, односно 2,84 американски долари, за развој и градење нови ракетни сили со цел да се одврати Кина од користење воена сила во источна Азија.

Четирите договори вклучуваат проектили кои се лансираат од копно, море и од воздух, како и хиперсонична балистичка боева глава којашто Токио сака да ја внесе во вооружувањето по 2026 година, објави во вторникот јапонското министерство за одбрана во соопштение за јавноста.

Јапонија, под изговор за руската инвазија во Украина и зголемената загриженост од наводен можен напад на Кина врз Тајван, во согласност со САД под чија сугестија уште пред повеќе од осум години ја напуштија својата уставно ограничена воена доктрина исклучиво базирана на одбрана поради болното искуство во периодот до крајот на Втората светска војна, ја најави својата воена модернизација и производство, со што во текот на следните пет години ќе бидат удвоени средствата наменети за јапонскиот воено-индустриско комплекс.

Новите јапонски ракетни сили, за кои се очекува дека ќе бидат способни да гаѓаат бродови и копнени цели на дистанци поголеми од 1.000 километри од Јапонија, се во центарот на планот.

За да ја зајакне својата одбранбена способност пред да може да ги размести споменатите планирани домашни проектили, Токио во февруари најави дека од САД ќе набави огромен број крстосувачки ракети „Tomahawk“. Сѐ уште не е прецизиран обемот на таа набавка, но јапонските медиуми известуваат дека станува збор за дури 500 такви ракети.