Јапонска компанија лансираше „костум-пижама“ за на Zoom да изгледатe елегантно

Доколку сакате да изгледата уредно и елегантно на сѐ почестите „зум-состаноци“, но ако не сакате и премногу да се дотерувате, јапонската компанија „Aoki’ Holdings“ креираше линија на костуми-пижами (Pajamas Suit) која потсетува на облеката која се носи при канцелариски состаноци, но истовремено може и да биде и пижама.

Синџирот продавници „Aoki’“ во периодот на пандемијата започна производствена линија на беж, црни и темносини костуми за мажи и жени, наменети за сите коишто работат од дома, а ја рекламира како облека која е „повеќе од пижама, а помалку од модна гардероба“.

Сакоата и панталоните се продаваат и одделно. Горниот дел од „костумот“ го прават удобно плетени кардигани и може да се комбинираат со панталоните со еластичен струк дизајнирани за долготрајно седење.

На интернет продавницата на јапонската компанија, сите предмети за облекување од колекцијата може да се купат по цена од 4.990 јени, односно околу 48 американски долари.

Овие „костуми-пижами“ се одраз на начинот на којшто јапонските производители на класични деловни костуми настојуваат да му се прилагодат на пазарот во периодот на пандемијата на коронавирусот, кога повеќето канцелариски службеници се принудени да работат од дома. Од „Aoki’“ неодамна објавија дека годинава забележале загуба од повеќе милијарди јени.

Анкетата на истражувачкиот институт Pew укажува на тоа дека повеќето Американци и по завршувањето на пандемијата сакаат да продолжат да работат од дома, што би значело дека компаниите како „Aoki’“ би морале да продолжат со иновациите во новата ера на „канцелариското“ работење, за да се прилагодат на новите барања на пазарот.