Јапонската влада соопшти во петокот дека државниот погреб за поранешниот премиер Шинзо Абе ќе биде одржан на 27-ми септември, во екот на уличните протести и критики на социјалните мрежи дека државата не би смеела да финансира церемонии за јапонскиот премиер кој имаше најдолг стаж, но и создаде поделби.
Шинзо Абе, премиер во повеќе од осум години во два мандата и многу влијателен во владејачката Либерално демократската партија, дури и по напуштањето на должноста, беше застрелан пред две седмици на собир во рамките на предизборната кампања, настанот кој ја шокираше Јапонија каде политичкото насилство е исклучително ретко.
Погребот на Абе беше одржан набрзо по атентатот, но владата одлучи дека државната погребна церемонија ќе се одржи на 27-ми септември во затворената сала „Nippon Budokan Arena“ во центарот на Токио.
„Таква одлука донесовме, како што беше кажано порано, бидејќи Абе беше премиер со најдолг стаж во текот на кој покажа умешност на водство различно од другите и носеше голема одговорност при решавањето бројни сериозни домашни и меѓународни проблеми“, изјави генералниот секретар на владата Хироказу Матсуно на прес-конференција во петокот.
Погребот во целост ќе биде платен со државни средства, коишто веројатно ќе земат земени од буџетските резерви, додаде Матсуно.
Последниот државен погреб на некој поранешен премиер кој целосно бил платен со државни пари се одржал во 1967 година, а погребите по тоа делумно ги плаќала државата, а делумно владејачката партија.
Сегашниот план предизвика сѐ поголема вознемиреност. Околу 200 луѓе се собраа во близина на кабинетот на премиерот во Токио за да протестираат против владината одлука, пренесува новинската агенција Kyodo.
Несогласувањата на социјалните мрежи се движат во распонот од користење на средствата на даночните обврзници до забелешки дека владата би можела политички да ја капитализира смртта на Абе и да го зацврсти неговото политичко наследство.
Околу 49 отсто Јапонци ја поддржале идејата за државен погреб во неодамнешното истражување на јавното мнение на јавната телевизија NHK.