Јапонската влада и централната банка мора да водат фискална и монетарна политика во голема мера водејќи сметка за слабеење на курост на јенот, што ѝ штети на потрошувачката, соопшти во понеделникот највисокиот владин економски совет.
Закрепнувањето на потрошувачката, кое се намалува веќе четири квартали со ред, е клучно за краткорочната економска политика на владата, се вели во соопштението на Советот во кое се наведени насоките за изготвување на државниот буџет за следната година.
„Не можеме да го игнорираме влијанието на слабиот јен и зголемувањето на цените врз куповната моќ на домаќинствата. Важно е владата и централната банка да водат политика внимателно по неодамнешното слабеење на јенот“, се вели во соопштението презентирано на состанокот во понеделникот.
Изјавата ја истакна загриженоста на креаторите на политиката за економските последици од слабиот јен, кој ја погоди потрошувачката со зголемување на цената на увозот на гориво и храна.
Слабиот јен, исто така, веројатно ќе биде клучна тема на дискусија на дводневниот состанок на централната банка оваа седмица, кога нејзиниот одбор ќе претстави детален план за намалување на масовната програма за купување обврзници и ќе расправа дали да ги зголеми каматните стапки.
Јенот накратко се лизна на 161,96 јени за долар минатата седмица, што е најниско ниво во последните 38 години, откако ослабе за дури 14 отсто од почетокот на годината, што ги поттикна јапонските власти да интервенираат со купување јени. Во понеделникот тој поврати дел од загубите, а за доларот мораше да се издвојат нешто повеќе од 154 јени.
Владата, од своја страна, ќе се обиде да ја зголеми минималната плата и да преземе мерки за ублажување на ударот од растот на цените, како што се помош за домаќинствата со ниски приходи и привремени субвенции за ограничување на износите на сметките за комунални услуги, соопшти Советот.
Трошењето е слаба точка во кревкото закрепнување на Јапонија, а нејзината слабост е обвинета за падот на економијата во првиот квартал. Во својот месечен економски извештај за јули, владата процени дека закрепнувањето на потрошувачката е во застој. Во централната банка, сепак, потрошувачката е опишана како „отпорна“.